Најмладиот тренер во Топ 5 лигите го напушта клубот

Францускиот тим Ремс објави дека на крајот од сезоната ќе ја прекине соработката со тренерот Вил Стил. Во ноември 2022 година Стил беше наименуван за тренер на Ремс и со тоа стана најмлад тренер во клуб кој игра во Топ 5 лигите во Европа. Белгискиот стратег има само 31 година, а сега ќе си замине од Ремс, иако актуелниот договор му беше до јуни 2025 година.

Стил во Ремс дојде во 2021 година и прво работеше како помошник тренер. Кога беше назначен за прв тренер, францускиот клуб по секој натпревар мораше да плаќа казна од 25.000 евра, затоа што Стил немаше професионална тренерска лиценца од УЕФА.

Кога седна на тренерската клупа, Стил донесе добри резултати за Ремс, а главната цел за оваа сезона, а тоа беше останување во елитата е исполнета. Ремс моментално се наоѓа на 11 место во француското првенство и математички го има обезбедено опстанокот.

Затоа, останува нејасно зошто Стил си заминува од клубот иако имаше активен договор за уште една сезона.

- Оглас -

Најнови вести