Најцрниот ден во историјата на Манчестер јунајтед, 62 години од падот на авионот

На 6 февруари 1958 година светот беше шокиран по информацијата за смртта на фудбалери од тогашниот тим на Манчестер јунајтед. Осуммина играчи на возраст од 21 до 28 години ги загубија животите, а меѓу настраданите во авионската несреќа беа и осуммина новинари, тројца членови на раководството на клубот и четворица други патници.

Тимот одигра 3-3 со Црвена ѕвезда во Белград за пласман во полуфиналето од Купот на европските шампиони (првиот меч дома го добија 2-1), а авионот слета во Минхен да дополни гориво пред да продолжи за Манчестер.

Лошите временски услови и проблем со моторот придонесоа првите два обиди за полетување да бидат неуспешни и се планирало да останат во Минхен уште еден ден, па утредента да заминат дома. Сепак одлучено е да се направи и трети обид, а во меѓувреме на пистата се натрупа снег. Само што се оддели од земјата, моторот не издржа и авионот падна.

Со оваа несреќа, се растури еден од најдобрите тимови во тоа време, но десет години подоцна, Јунајтед стана европски шампион, а легендарниот тренер Мет Базби, кој го преживеа падот на авионот, кога го држеше пехарот, погледна кон небото и кажа: „Ова е за вас“.

 

- Оглас -

Најнови вести