Навивачите не се задоволни од Чави, но тој е категоричен: „Верувајте ми!“

Екипата на Барселона врза два пораза во низа откако загуби најпрво од Жирона со 2-4 во Ла Лига, а синоќа и од Антверпен во Лигата на шампионите со 3-2. Незадоволството кај навивачите расте, а како главен виновник е посочен тренерот Чави Ернандес. На слично размислување е и дел од раководството на Каталонците, но фудбалерите му даваат максимална поддршка.

„Имаме доверба во Чави. Екипата е како семејство и се држиме заедно“, вели Серхи Роберто.

Сличен став има и неговиот соиграч, Феран Торес.

„Ние сме со Чави, иако многумина сакаат да нè уништат со приказните кои доаѓаат од страна“, рече Торес по натпреварот со Антверпен.

Доверба бара и самиот Чави, кој вели дека имаат екипа која допрва ќе напредува.

„Сигурен сум дека оваа екипа ќе напредува. Верувајте ми на зборот. Нас нѐ боли поразот од Жирона, не овој од Антверпен. Сè може да се промени со победа над Валенсија во сабота. Притисокот да играш за Барселона е голем, овој дрес има тежина“, рече Чави по поразот од Антверпен.

- Оглас -

Најнови вести