НБА продолжи променета како никогаш досега, но една работа остана иста – Леброн Џејмс е тој што го реши дербито на ЛА (Видео)

Лос Анџелес лејкерс го доби градското дерби против Лос Анџелес клиперс на дуел кој се играше во Орландо, Флорида. По пауза од повеќе од четири месеци, НБА лигата ноќеска продолжи со два натпревари кои имаа возбудлива завршница. Лејкерс со поените на Леброн Џејмс го доби дуелот против Клиперс, додека Јута со 106:104 славеше над Њу Орлеанс.

Поради пандемијата со корона-вирусот, сите натпревари во НБА-лигата ќе се играат во „Дизни центарот“ во Орландо и тоа без публика. Иако ова е огромна промена во најсилната лига во светот, едно нешто не се смени. Кога треба да се решава меч, Леброн Џејмс е човекот што одлучува.

Дербито на Лос Анџелес беше неизвесно во последната секунда, а Џејмс е херојот. Во првото полувреме Лејкерс во добар дел имаше двоцифрена предност, но противникот не само што не се предаде туку во третата четвртина Клиперси беа тие кои водеа со 10+. Како се доближуваше финишот на средбата, неизвесноста растеше, па на 20-тина секунди до крајот беше 101:101.

Леброн ја презеде одговорноста, влезе во рекетот, шутираше и промаши, но тој повторно ја зграби топката и од вториот обид успеа да погоди. Клиперс го имаше последниот напад, но Кавај Ленард самиот се заглави, па Пол Џорџ реши да шутира за израмнување, но промаши.

https://youtu.be/JtTWbpRobMk

На крајот, Ентони Дејвис беше најпрецизен кај победничкиот тим со 34 поени, а Леброн додаде 16 поени, 11 скока и 7 асистенции. Кај поразените Џорџ даде 30 поени, но го промаши шутот за нерешено, додека Ленард заврши со 28 поени.

И во мечот со кој се направи рестартот на НБА беше неизвесно. Јута победи со 106:104, благодарение на слободните фрлања на Руди Гоберт на 6,9 секунди до крајот. Гоберт беше првиот позитивен кошаркар во НБА што беше позитивен на корона-вирусот и тогаш беше одложен првиот меч сезонава.

Гоберт не само што го победи вирусот, туку сега се покажа и како клучен играч во победата над Њу Орлеанс.

 

 

- Оглас -

Најнови вести