Не е сѐ во парите: Вардарци се вистински спортски херои

Македонскиот ракометен првак Вардар покажа зошто е гигант во европски рамки. „Црвено-црните“ херои вчера успеаја да издржат на пеколното гостување кај ПИК Сегед и иако загубија со 29:25, се пласираа на фајнл фор завршницата во Келн благодарение на победата од 31:23 во првиот меч.

Вардар покажа карактер на вистински шампион бидејќи и во моментите кога губеше со девет разлика (16:7 и 22:13), не се откажа од својата цел, а тоа е влез меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Во второто полувреме, кога беше најпотребно, Вардар направи серија од 10:3 и стигна само на два гола негатива (25:23) и беше јасно кој ќе биде патникот за во Келн.

Македонскиот првак трета сезона по ред да биде дел од фајнл фор завршницата. Во 2017 година, во дебитантскиот настап на фајнл форот Вардар стигна и до трофејот, откако ги победи фаворизираните Барселона и ПСЖ. Минатата година, Вардар во полуфиналето беше поразен од шампионот Монпелје, а сезонава, според најавите, е втор фаворит за тронот, веднаш зад Барселона.

Утре треба да биде извлечена ждрепката за полуфиналните дуели, кои се играат на 1 јуни. Што и да направи во Келн, Вардар покажа дека е вистински македонски спортски бренд со кој треба сите да се гордеат. Вардарци не ги спречи ниту фактот дека одреден период немаат земено плата, но и за тоа капитенот Стојанче Стоилов имаше објаснување.

„Покажавме карактер и покажавме дека ракометот не е само во парите. Ова е игра“, рече Стоилов по вчерашниот меч.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести