Не може без Македонци – Ираола ќе му биде тренер на Димитриевски во Рајо Валјекано

Познатиот поранешен играч на Атлетик Билбао, Андони Ираола не може без Македонци во тренерската кариера и повторно ќе биде шеф на стручен штаб на тим каде има наш играч.

Ираола веќе потпиша едногодишен договор со Рајо Валјекано, клуб за кој брани македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски.

Андони го замени Пако Хемес, откако мадриѓани за влакно не успеаја да се пласираат во плејофот за пласман во Првата шпанска лига. Тоа е протолкувано како неуспех, па Хемес си замина, а пристигна Ираола.

Младиот тренер има 38 години и одлична играчка кариера со настапи за Атлетик Билбао цели 12 години и потоа една сезона во Њујорк сити во МЛС лигата по што одлучи да продолжи со тренерска кариера.

Стартот му беше со АЕК Ларнака, тим што го предводеше во сезоната 2018/19, а под негова палка играа Иван Тричковски и Даниел Мојсов.

Потоа замина од Кипар и сезонава која штотуку заврши беше кормилар на Мирандес, екипа која беше хит во Копа дел Реј и стаса до полуфиналето.

Ираола потврди дека е одличен стратег, а со Мирандес ги елиминира прволигашите Селта, Вилјареал и Севилја и потоа во полуфинален двомеч испадна од Реал Сосиедад на прагот на големото финале.

Димитриевски според шпанските медиуми има понуда од првологашот Хетафе, но засега се уште е член на Рајо Валјекано.

 

- Оглас -

Најнови вести