Не се откажа и успеа: По 61 настапи на Гренд слем турнири, конечно стигна до трофејот

Индискиот тенисер Рохан Бопана е еден од хероите на годинашното издание на Австралија опен. Бопана има 43 години и дури сега конечно го оствари својот сон, а тоа е да триумфира на еден Гренд слем турнир.

Бопана заедно со својот партнер Метју Ебден се победници на Австралија опен во машки двојки, откако во финалето, по голема борба, со 2:0 во сетови (7:6, 7:5), ги победија Италијанците Симоне Болели и Андреа Вавасори.

Со оваа победа, индискиот тенисер стана највозрасниот играч кој стигнал до Гренд слем трофеј во игра на машки двојки. Интересно е дека ова беше негов 61 настап на некој Гренд слем и со тоа постави рекорд како играч на кој му било потребно најдолго време за да стигне до трофејот. Претходно овој рекорд го држеше  Американецот Раџив Рама на кого му требале 58 Гренд слем турнири за да стигне до трофејот.

Метју Ебден е 19-тиот различен партнер на Бопана во игра на двојки и на крајот тој се покажа како добитна варијанта за ветеранот да го оствари сонот. Бопана е и најстариот тенисер кој се искачил на врвот на АТП ранг листа во конкуренција на двојки.

- Оглас -

Најнови вести