Нека биде вака и на ЕП: Македонија тргна убедливо, а Лазаров им даде шанса на сите ракометари

Ракометната репрезентација на Македонија ја одигра првата од четирите контролни средби пред стартот на Европското првенство.

Нашата селекција во Маврово славеше над Кувајт со убедливи 31:21.

Селекторот Кире Лазаров им даде шанса на сите ракометари коишто се на подготовките, а убедливата победа дојде благодарение на одличното второ полувреме.

Во првиот дел Кире пробуваше најразлични варијанти и тактики, па затоа го завршивме само со предност од еден гол (14:13).

Но, во второто полувреме одбраната заигра на едно повисоко ниво, па Кувајт својот прв гол во продолжението го постигна дури во 43-тата минута.

Предноста продолжуваше да расте, па така се дојде до конечните 31:21.

Младиот Мартин Серафимов блесна со седум погодоци, а зад него следуваше Филип Талески со пет.

На голот, пак, Мартин Томовски имаше шест, додека Марко Кизиќ запиша пет одбрани.

Нашата селекција за два дена ќе биде комплетна и ќе продолжи со подготовките во максимален состав.

- Оглас -

Најнови вести