Со викенд-магија до „ајфон“ – Ново коло на Спортска прогноза без натпревар во понеделник

Три дерби-мечеви има во новото коло на Спортска прогноза, 22-ро по ред во втората сезона, а вашите прогнози ќе можете да ги запишете од денеска од 14 часот на интернет-страницата на Sport Life.

За промена сега ќе нема натпревар што ќе се игра во понеделник, што беше пракса во изминатите неколку кола, па можеби тоа ќе донесе среќа во трката за главната премија, прекрасниот IPhone XS, што е наменет за прогнозерот или прогнозерите кои ќе ги погодат сите 13 двојки од основната програма.

А, натпревари има и тоа многу интересни за да ги покажете вашите вештини како добри прогнозери. Колото ќе почне стандардно, со меч од Бундеслигата, а овојпат за добар старт ќе треба да се погоди исходот на дуелот меѓу Фрајбург и Хофенхајм што ќе се игра од 15.30 часот во сабота.

Од денеска од 14 часот до тој термин во сабота во 15.30 часот можете да прогнозирате и да се забавувате со нашата бесплатна и многу популарна игра со интересни награди.

На менито од саботните дуели ќе треба прецизно да се погодат и исходите во Мадрид на пресметката меѓу Хетафе и Валенсија, потоа и на англискиот меч меѓу Брајтон и Ватфорд, на германското дерби меѓу Баер Леверкузен и Борусија Дортмунд, од Франција го одбравме натпреварот Мец – Бордо, а првата сенаса ќе финишира со португалското дерби меѓу Порто и Бенфика од 21.30 часот.

Во недела има 7 натпревари што се важни за 22-рото коло од Спортската прогноза, а почетокот е во Шпанија, со пресметка точно на пладне меѓу Еспањол и Мајорка.

Половина час подоцна почнува калчо-дуелот меѓу СПАЛ и Саусоло, а од 14 часот во Баскија се игра локалното дерби меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао.

Следи преселба на Чизмата и два меча од 15 часот, меѓу Бреша и Удинезе и Џенова и Калјари, кои се многу интересни за нас во Македонија.

Член на Удинезе е Илија Несторовски, а добро знаете дека Горан Пандев е прв стрелец на Џенова, па тука може да се типува и според симпатиите кон нашите репрезентативци. Одлуката е ваша, а доколку успеете да имате перфектна прогноза до овие дуели ќе ви останат уште два чекори до главната награда, прекрасниот „ајфон“.

Стразбур и Ремс во Франција ќе играат за бодови, но и за вас, ако се одлучите на дружба со Спортската прогноза во трката за вредни награди.

Како шлаг на тортата го оставивме миланското дерби што ќе се игра на истиот дом на Интер и Милан, но овојпат ќе се користи името „Џузепе Меаца“ бидејќи Нераѕурите се домаќини и организатори на големото италијанско дерби со почеток од 20.45 часот.

Стандардно подготвивме и две резервни двојки, а и тука погодените исходи ќе се преточат во поени што важат во поредокот во Генералниот пласман.

Првиот резервен пар е дуелот од Лига 1 во Франција меѓу Дижон и Нант, а вториот е германското дерби на двете водечки екипи во Бундеслигата, Баерн и Лајпциг.

Повелете со вашите прогнози, а секогаш има неограничено место и за нови прогнозери кои се добредојдени. Наградите се одлични, забавата е загарантирана, секогаш е поинтересно кога има дополнителни мотиви за следење на натпреварите, а Sport Life наградува со телефони, ваучери, телевизори, СЛ Маркет поени…

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести