Нека почне фудбалот и голем дел од мажите без проблем ќе останат во изолација

Поминаа 20-тина дена од прогласување на пандемијата поради Коронавирусот, а бројот на заболените постојано се зголемува, исто како што се зголемува и неизвесноста за тоа што ќе се случува во светски рамки на сите полиња.

Спортот е една од најпогодените дејности поради пандемијата. Речиси целиот спорт замрзна во овие три недели. Најголема грижа за спортските вљубеници секако е тоа што ги нема фудбалсите возбудувања. УЕФА на 1 април направи состанок и без лажење даде надеж дека домашните првенства во цела Европа ќе продолжат и ќе се комплетираат.

Предвидувања има повеќе, датуми се редат, опции се нудат, но засега нема ниедно конкретно решение. Се чека датумот кога ќе продолжи некое од прекинатите првенства во Европа. Германците се први во многу работи, па токму од нив се очекува да бидат и први што ќе продолжат со фудбалот. Најоптимистичките најави се дека во мај ќе продолжат возбудувањата во Бундеслигата, но без присуство на публика, а датумот уште е непознат.

И додека сме во изолација и седиме дома, единствено интересно нешто е да ги гледаме спортистите преку своите профили на социјалните мрежи како се истакнуваат со некои креативни финти покажувајќи ги своите способности. Сепак, тоа ни од далеку не е интересно како да се изгледа еден квалитетен фудбалски меч.

СИГУРНО ЌЕ СЕ „РОДАТ“ ЕКСПЕРТИ ЗА БЕЛОРУСКОТО ПРВЕНСТВО

А, не дека нема фудбал воопшто. Во отсуство на елитен фудбал, почнавме да се запознаваме со некои првенства и екипи за кои и речиси не ни мислевме дека „ќе се замараме“. Во Европа единствено фудбал се игра во Белорусија. БАТЕ Борисов е гигантот од оваа земја за кој имаме сигурно слушнато.

По понудата која ја има од фудбалски активности, полека го запознавме и актуелниот првак Динамо Брест, кој за првпат е на тронот во домашното првенство, а тука се и Енергетик, Динамо Минск, Солигорск… Ако потрае паузата во останатите првенства, сигурно ќе си најдеме по некој фаворит во белоруското првенство за да има за кого да навиваме во време на пандемија.

Ако е нешто добро во кризава, сигурно ќе се изнајдат обложувачки експерти кои во иднина ќе газат на мечевите од белорусикото првенство (според досега прикажаното, добро е да се игра од 0-2 гола н.з.).

АБЕ ДА ТИ Е МЕРАК, ИГРААТ ЈУВЕНТУС И РЕАЛ МАДРИЗ, АМА ТУКА СЕ БОРАТ ЗА ОПСТАНОК

Освен во Белорусија, фудбал се игра само уште во Никарагва, Бурунди и Таџикистан. Во Никарагва може да се каже дека е најатрактивно, но не поради играта на теренот, туку поради два тима кои имаат имиња на европски гиганти. Јувентус од Манагуа може да се пофали дека бил и првак на Никарагва, но сезонава не е во најдобра форма, па има 16 бода од 14 меча.

Освен Јувентус, тука е и Реал Мадриз. За да не се украде целосното име на Кралскиот клуб од Мадрид, сменета е само последната буква од главниот град на Шпанија. Овој Реал во Никарагва му е голем ривал на Јувентус, но не е во трка за висок пласман, туку во борба за опстанок.

ПРВ МЕЧ ОД ПРВЕНСТВОТО И ОП, ПРЕСВРТ „ДВА ВО ЕДЕН“, ПА ВЕДНАШ ЗАПОЧНАА КОМЕНТАРИ ДЕКА ТАМУ МНОГУ СЕ МЕСТИ

Најтазе од сите фудбалски првенства кои се играат во моментов е тоа во Таџикистан. Вчера се одиграа првите три меча и веднаш се најдоа експерти да дадат своја анализа. Хатлон на свој терен го победи Истаравшан со 2:1, иако гостите водеа на полувреме со 1:0. Погодокот за победа на домашините падна во 94-тата минута од пенал, па одма започнаа коментарите дека во ова првенство се мести затоа што одма има меч „два во еден“, и тоа благодарение на пенал во 94-тата минута.

Сите овие фудбалски „возбудувања“ кои ги има деновиве се само доказ дека не се издржува без фудбал, посебно за време на изолација. Нека започнат фудбалските возбудувања во најсилните лиги, па макар и да нема публика, само да има преноси и на тој начин голем дел од машката популација нема да има проблеми да седи дома и без никаква мака да покаже дека се почитува препораката за изолација.

- Оглас -

Најнови вести