Најскапиот трансфер во историјата на британскиот фудбал: Челзи го доведе Енцо Фернандес

Аргентинскиот репрезентативец Енцо Фернандес е нов фудбалер на Челзи. Ова и официјално беше потврдено ноќеска, откако драматично се чекаше потврда за тоа дали Челзи успеа навремено да го регистрира фудбалерот кој досега го носеше дресот на Бенфика.

Англиските медиуми потврдуваат дека ова е најскапиот трансфер во историјата на британскиот фудбал и дека Челзи ќе плати неверојатни 105,6 милиони фунти. Тоа значи дека е срушен досегашниот рекорд на Џек Грилиш, за кого беа платени 100 милиони фунти за трансфер од Астон вила во Манчестер сити.

Фернандес е играчот кој блесна на Светското првенство во Катар и сигурно беше еден од најзаслужните што Гаучосите стигнаа до светската титула. Централниот играч за врска во Бенфика дојде на почетокот на оваа сезона и одигра само 29 мечa во кои постигна четири гола. Претходно играше за Ривер плате, од каде што си замина за неполни 20 милиони евра, што значи дека за половина година неговата вредност пораснала за повеќе од шест пати.

Аргентинецот со Челзи потпиша договор кој го обврзува да остане во клубот до 2031 година.

 

- Оглас -

Најнови вести