Некомплетниот Еурофарм Пелистер ќе ја брани својата чест против Магдебург

Ракометниот тим Еурофарм Пелистер на гостувањето во Германија кај Магдебург на реваншот од осминафиналето во Лигата на Европа Европа на ЕХФ замина без тренерот Жељко Бабиќ, кој е позитивен ковид-19, и без повредените Кушан, Вегар и Стјепановиќ, а ако се знае дека првиот меч во салата „Боро Чурлески“ заврши со 32-24 за Магдебург, јасно е дека шансите за пласман во следната фаза се сведени само на теорија.

Но, битолчани може да одиграат за својата чест и чесно простување од ова натпреварување во кое во осминафиналето налетаа на моќен противник.

Екипата на Е. Пелистер во Магдебург ќе ја водат помошниците Божидар Мојсов и Ице Соколески.

„Очигледно е дека падот на формата дојде во најлошо можно време. Треба да се собереме и да одиграме најдобро што можеме против Магдебург во Германија. Мораме тој натпревар да го искористиме за да извлечеме поуки и да смениме што не функционираше во нашата игра и да се вратиме на прав пат бидејќи ни следуваат уште многу важни натпревари во краток период“, изјави Јосип Периќ.

Според Елмир Граџан, Пелистер сезонава покажал дека може секому да му парира.

„На последните два натпревари малку паднавме, но верувам дека во Магдебург ќе го покажеме вистинското лице. Без разлика на заостанувањето од Битола, нема да се предадеме“, рече Граџан.

- Оглас -

Најнови вести