Нема да му биде лесно на Шкупи со Шемрок, ретко се игра со клуб со тривековна традиција (Видео)

Нема да му биде лесно денеска на Шкупи против ирскиот првак Шемрок роверс, клуб со тривековна традиција, формиран во 1899 година, односно пред 123 лета, распостранета во три различни века.

Првиот меч ќе се игра од 21 часот на стадионот „Талат“ во Даблин, кој е дом на Роверс од 2009 година.

Има капацитет од 8.000 места и навивачите на Шемрок, клуб кој е фудбалски симбол на Република Ирска, знаат да направат убава атмосфера и да им ја отежнат работата на гостинските екипи.

Популарните детелинки од Даблин се најуспешниот тим во историјата на Република Ирска со рекордни 19 шампионски круни и дури 25 пехари во националниот куп.

Пресметано е дека клубот со 123-годишна историја е рекордер и според бројот на фудбалери што играле за репрезентацијата на Република Ирска, а се точно 62-ца и ниеден друг клуб не е ни приближно до оваа бројка.

Шемрок ја пополни листата со историски подвизи во клупскиот фудбал во Република Ирска во 2011 година, кога стана првата екипа што играла во фаза по групи во еврокуповите.

Тогаш во плејофот за настап во Лигата на Европа го елиминираа Партизан со вкупен резултат од 3:2, а потоа ги загубија сите шест натпревари во групата, по два од Рубин Казањ, Тотенхем и ПАОК.

Тоа е и единствениот настап во фаза по групи за ирскиот гигант, а ако го елиминираат Шкупи, ќе имаат и втор бидејќи во таков случај сигурно ќе играат во Конференциската лига на УЕФА.

Од резултатите што се паметат во еврокуповите, Шемрок има победи против Шалке 04, Партизан, Лудогорец, Слован Братислава и нерешени дуели со Валенсија, Баерн Минхен, Ница и Сарагоса.

Шемрок има играно во еврокуповите со многу гиганти меѓу кои и европските прваци Милан, Баерн, Јувентус, Манчестер јунајтед и Селтик, што е големо искуство и предност за Ирците во двомечот со Шкупи.

- Оглас -

Најнови вести