Нема Суперлига во „Градски парк“, оставка на комесарот, двајца кандидати за претседател на МКФ

Завршувањето на фајнал-ејт турнирот од Купот како да беше знак за почеток на хаос во македонската кошарка, па во текот на денешниот ден се случија оставка на комесарот за натпреварување, јавно откривање на двајца кандидати за претседател на Македонската кошаркарска федерација и потврда на одлуката од октомври дека во салата „Градски парк“ не може да се играат мечеви од Суперлигата и плејофот.

В среда ќе се одржи состанок на Здружението на прволигаши по барање на Работнички, а на кој ќе присустува и претседателот на МКФ, Петар Наумоски. Работнички в четврток треба да игра на свој терен од второто коло на Суперлигата, но известен е дека не може да игра во својата сала која не ги исполнува бараните услови. Клубот не ги направи побараните корекции во салата, но ова не е единствениот проблем. Работнички има несогласување и околу одбиената регистрација на странецот Ксавиер Џонсон и бараше да не им се дозволи да играат на клубовите-должници.

Ова не е единствениот проблем во мак-баскетот. Комесарот Владо Цветковски поднесе оставка и најверојатно таа ќе биде прифатена од Управниот одбор на МКФ.

Мандатот на Петар Наумоски како прв човек на Федерацијата истекува кон крајот на месецов, па веќе се јавија двајца негови потенцијални наследници. Станува збор за Перо Антиќ и Владимир Темелковски. Антиќ по завршувањето на играчката кариера, ја врши функцијата претседател на клубот Гостивар, но сака да биде предводник на Федерацијата и сигурно дека ќе има одредена поддршка за кандидатурата. Противкандидат ќе му биде актуелниот спортски директор Темелковски, кој исто така има што да им понуди на членките на собранието.

- Оглас -

Најнови вести