Манчестер сити го декласираше Саутемптон со 6-1 во рамките од 11. коло во Премиер лигата. “Граѓаните“ уште по 20 минути ги обезбедија бодовите и ја продолжија серијата на 11 меча без пораз, и повторно се на врвот со 29 бода.
За водство имаа помош од дефанзивецот на гостите, Весли Хоедт, кој си ја смести топката во својата мрежа во шестата минута. Агуеро и Давид Силва зголемија на 3-0 во 12-тата, односно 18-тата минута, пред Ингс да го постигне почестниот гол за „светците“ преку пенал во 30-тата минута.
Стерлинг ги постигна следните два погодоци за Сити, прво во втората минута од судиското надополнување во првиот дел, а потоа и во 67-та минута, додека за конечни 6-1 погоди Сане во 90-тата минута.
Сити сезонава веќе четврти пат успева да постигне пет или повеќе погодоци на еден меч во рамките од Премиер лигата. На Хадерсфилд им дадоа шест во второто коло, против Кардиф и Барнли броеа до пет, во шестото, односно во деветтото коло.
Извонредна е и нивната статистика во гол-разлика, фудбалерите на Пеп Гвардиола на 11 меча постигнаа 33 погодоци, а примија само четири.