Неверојатен камбек на Рафаел Надал: Губеше со 5:1, спаси меч-топка и победи!

Рафаел Надал го победи Данил Медведев во меч со еден од најневеројатните пресврти во поновата историја на тенисот. Шпанецот славеше со 6:7, 6:3, 7:6 (4) во рамките од второто коло на Мастерс турнирот во Лондон. Дуелот траеше речиси три часа. Со оваа победа, Надал ги задржа шансите за пласман во полуфиналето, а со тоа и шансата да ја задржи лидерската позиција на АТП-листата до крајот на 2019 година.

Во првиот сет, двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис, па мораше да се игра тај-брејк. При резултат 3:3, Медведев со серија од 4:0 стигна до 7:3 и тоа беше доволно за освојување на првиот сет. Во вториот сет Медведев го загуби првиот сервис и потоа Надал рутински одработи за 6:3.

Вистинска драма имаше во третиот сет. Медведев направи два брејка и поведе со 4:0, а потоа и со 5:1. Делуваше дека Надал веќе ќе се предаде, но Шпанецот потсети зошто уште е најдобар тениер според АТП-листата. Рафа прво спаси една меч-топка, па намали на 2:5.

Тоа како да му даде сила на Надал, па успеа да направи два брејка, на свој сервис беше сигурен и стигна до водство од 6:5. Медведев конечно ја прекина низата од 5:0 на Надал и го доби следниот гем за 6:6, па победникот се решаваше во тај-брејкот. Во тај-брејкот при резултат 4:4, Надал ги доби следните три поени и победи со 7:4.

Во вториот меч од второто коло од оваа група вечерва Циципас ќе игра против Зверев.

 

- Оглас -

Најнови вести