Неверојатна драма, пет часа борба, но Надал не се умори – Шпанецот го освои трофејот во Њујорк

Рафаел Надал покажа зошто е еден од најдобрите тенисери на сите времиња и стигна до титулата на Гренд слем турнирот во Њујорк. Во големото финале на Отвореното првенство на САД, Шпанецот славеше против Данил Медведев во пет сета (7:5, 6:3, 5:7 4:6, 6:4). Мечот траеше 4 часа и 54 минути.

За Надал ова беше петто финале на Артур Еш, а вкупно 27-мо финале на Гренд слем турнирите. Се израдува на 19-тата титула и сега е само на еден трофеј зад рекордерот Роџер Федерер.

Пред помалку од еден месец, Медведев играше против Надал во финалето на АТП турнирот во Торонто, но загуби убедливо со 6:3, 6:0. Дека сега е многу поподготвен, Русинот покажа уште на стартот од мечот. Прв направи брејк, но Надал не се збуни. Се врати со ри-брејк и беше израмнето до 5:5. Откако го зема својот сервис, Надал во 12 гем успеа да го добие сервисот на противникот и по повеќе од еден час да поведе со 1:0 во сетови.

Во вториот сет, на Надал му беше доволно да направи еден брејк за да стигне до 6:4 и 2:0 во сетови. Сепак, Медведев не се предаде. И третиот сет траеше повеќе од еден час, а на крајот Русинот го доби со 7:5. Надал еднаш го загуби сервисот и во четвртиот сет, па Медведев стигна до 2:2 во сетови, за драма во финалето.

Надал водеше со 5:2 во петиот сет и имаше сервис за меч, но Медведев успеа да стигне до 5:4. По втор пат Шпанецот имаше сервис за трофејот, Русинот стигна до брејк поен, но не го доби и потоа следуваше меч топка, која ја реализираше Надал, за шампионски високо да ги крене рацете и да се израдува на нов трофеј по петчасовна борба.

 

 

- Оглас -

Најнови вести