Неверојатниот Џамал Мареј го донесе Денвер на две победи од прво големо финале

Денвер нагетс поведе со 2-0 во Западното финале на НБА-лигата откако рано утрово го совлада Лос Анџелес лејкерс со 108-103.

Грутките во Денвер немаат пораз уште од 31 март, а најголемата заслуга што не загубија од Лејкерс ја имаат Џамал Мареј и Никола Јокиќ.

Мареј имаше 37 поени, од кои дури 23 во клучната последна четвртина. Од 32 поени на Денвер во последниот квартал, Мареј даде дури 23 (цел тим на Лејкерс во последната четвртина даде 24 поени).

Јокиќ направи трипл-дабл од 23 поени, 17 скока и 12 асистенции, но не даде кош во пресудната последна четвртина. Сепак испиша историја, стана првиот во историјата кој на два плејоф-меча по ред имал барем 55 поени, 35 скока и 20 асистенции.

Кај Лејкерс, Леброн Џејмс не погоди ниту еден од шесте обиди за тројка и заврши со 22 поени, 10 асистенции и девет скока, а потпросечно одигра Ентони Дејвис, кој заврши со 18 поени. Остин Ривс даде 22 поени, а Руи Хачимура 21 поен и беа солидна поддршка за двете ѕвезди.

Следните два меча се играат во Лос Анџелес и сега Езерџиите се под голем притисок бидејќи ако загубат дома барем еднаш, Денвер ќе биде многу блиску до својата прва титула на Западот. И Лејкерс, како и Денвер, засега нема пораз на свој терен во годинешниот плејоф.

- Оглас -

Најнови вести