Невидено финале во ЛЕ, голманите од пенали го решија победникот

Вилјареал е освојувач на Лигата на Европа, откако во неверојатно финале го победи Манчестер јунајтед и тоа по подобро изведување на пенали. По 90 минути резултатот беше 1:1, а немаше погодоци ни по дополнителните 30 минути, па мораше да се шутираат пенали.

Во пенал рулетот Вилјареал прв шутираше и тоа беше само најава за нова драма. По стандардните пет пенали на двете екипи, сите 10 шута беа прецизни. Прецизни беа изведувачите на двете екипи и во шестата, седмата, осмата, деветата и десетата серија.

Тогаш дојде редот двајцата голмани да шутираат пенали. Чуварот на мрежата на Вилјареал погоди, а кога дојде редот на Де Хеа, се случи и првото и клучно промашување. Рули го одбрани ударот на Де Хеа и Вилјареал стигна до првиот историски трофеј во едно европско натпреварување.

Во регуларниот дел, Вилјареал прв даде гол и тоа преку Морено во 29 минута, па Жолтата подморница на полувреме имаше предност од еден гол. На почетокот на вториот дел, Манчестер брзо се врати во игра. Единсон Кавани погоди за 1:1 во 55 минута.

Во продолжение на дуелот, Манчестер имаше поголема иницијатива, но Црвените ѓаволи немаа некоја позначајна шанса за втор погодок. Без поголеми возбудувања беше и во дополнителните 30 минути, па мораа да се шутираат пенали, по кои, на крајот се радуваше Жолтата подморница.

- Оглас -

Најнови вести