Бетмен ќе ни сервира НХЛ каква што не сме гледале – За 7 екипи веќе заврши сезоната

Гери Бетмен, Комесарот на најсилната хокеарска лига на светот, популарната НХЛ го изложи планот за продолжување на прекинатата сезона, а објави дека за 7 клуба таа е веќе завршена.

Најслабопласираните седум од двете конференции веќе можат да размислуваат за идната сезона, а доцна летово ќе гледаме НХЛ-плејоф, каков што немало никогаш досега.

Првопласираните четири екипи од Источната и Западната конференција веќе се пласираа во плејофот бидејќи доигрување на регуларниот дел на сезоната ќе нема.

По 8 клуба од двете конференции кои се пласирани од петтото до 12-тото место моментно, односно до прекинот на натпреварите во март, ќе играат меѓу себе квалификациска рунда за пласман во првото коло од плејофот, по принципот подобар од пет меча или кој прв до три победи.

Се очекува продолжението на сезоната да се случи во финишот на јули или во август. Индивидуалните тренинзи ќе бидат дозволени од 1 јуни, а групните тренинзи веројатно ќе почнат еден месец подоцна за во меѓувреме да се одреди и точниот датум за продолжение на сезоната.

НХЛ планира плејофот да се игра во два града домаќини на сите мечеви до крајот на сезоната, а допрва треба да се одредат локациите.

Секој клуб ќе мора да си обезбеди хотел, а експедицијата на секоја екипа ќе може да брои најмногу 50 члена. Предвидени се и здравствените протоколи, а ќе ги има и вообичаните чести тестирања за ковид-19.

Еве како би изгледал распоредот во плејофот:

Сент Луис, Колорадо, Вегас и Едмонтон од Западната конференција се пласирани директно во првата рунда.

Далас ќе игра со Чикаго, Винипег против Аризона, Калгари со Минесота и Ванкувер против Нешвил во квалификациите за пласман во плејофот по принципот прв до три победи во серија со максимални пет меча.

Од Западната конференција сезоната заврши за Анахејм, Лос Анџелес кингс и Сан Хозе шаркс.

Во Источната коференција директен настап во плејофот обезбедија Бостон, Тампа Беј, Вашингтон и Филаделфија.

Квалификациска рунда ќе играат Питсбург против Монтреал, Каролина со Флорида, Торонто против Њујорк ренџерс и Колумбус со Њујорк ајландерс.

Екипите на Бафало, Њу Џерси девилс, Отава и Детроит ја завршија сезоната.

По ова следи вообичаениот плејоф по стандардниот принцип во кој продолжуваат 16 екипи од второто плејоф коло по конференции, сè до финалето и битката за пехарот во популарниот Стенли куп.

- Оглас -

Најнови вести