Никогаш подобра Македонија, само еден пораз во последните 15 меча

Македонската фудбалска репрезентација веќе не се плаши од никого, а тоа беше потврдено и синоќа, на гостувањето кај Словенија во Љубљана. „Црвено-жолтите“ одиграа 1-1, но сите се согласуваат дека Словенија треба да биде задоволна што освоила бод, а Македонија да жали бидејќи беше поблиску до триумфот.

Со ова реми, Македонија продолжува една неверојатно добра низа. Во последните 18 месеци, избраниците на селекторот Игор Ангеловски одиграа 15 мечеви, а загубија само еднаш. Оваа неверојатна серија која македонската репрезентација ја немала никогаш претходно, започна со победата на гости кај Израел. Дуелот се одигра во септември 2017 година, а Македонија славеше со 1-0 во квалификациите за СП 2018. Потоа следуваше ремито против Албанија во Струмица (1-1), а со ист резултат заврши и гостувањето во Торино против некогашниот европски и светски првак Италија.

Следуваа две победи без примен гол, против Лихтенштајн (4-0) и Норвешка (2-0). Во продолжение беа мечевите против: Финска (0-0), Азербејџан (1-1), Гибралтар (2-0), Ерменија (2-0) и Лихтенштајн (4-1).

Потоа се случи првиот и засега единствен пораз во последните година и пол. Ерменија на свој терен победи со 4-0, но тој пораз не значеше многу во групата од Лигата на нациите. Македонија потоа нареди три победи по ред, и тоа на гости кај Лихтенштајн (2-0) и дома против Гибралтар (4-0) и Летонија (3-1). Синоќа Македонија одигра 1-1 против Словенија во Љубљана, што е петто реми во овој период во кој се радувавме и на девет победи, а само еднаш тагувавме на пораз.

Македонија создаде селекција достојна за почит од секој противник.

- Оглас -

Најнови вести