Никој како Ди Марија, со голови во финалињата за четирите највредни репрезентативни трофеи

Аргентина по третпат во својата историја е светски фудбалски првак. Лионел Меси и другарите по голема драма, дури по подобро изведување на пенали ја победија Франција со 4:2. Во регуларниот дел беше 2:2, по дополнителни 30 минути резултатот беше 3:3, а на пенали Гаучосите беа непогрешливи со четири погодени пенали.

Со оваа победа Аргентина само ја потврди светската доминација, затоа што Гаучосите се актуелни шампиони и во Јужна Америка, како и освојувачи на првото Финалисимо.

Во финалето на Јужна Америка, минатата година Аргентина на турнирот во Бразил го победи домаќинот со 1:0. Анхел ди Марија беше стрелец на победничкиот гол. Пред шест месеци Аргентина се радуваше и во дуелот против Италија во новоформираната Финалисимо, меч на кој играат шампионите на Европа и Јужна Америка. На тој дуел Аргентина победи со 3:0, а освен Ди Марија, погодоци дадоа и Дибала и Лаутаро Мартинес.

Ди Марија и во финалето на СП во Катар против Франција беше еден од најдобрите. Над него беше направен пеналот по кој Меси погоди за 1:0, а потоа тој даде гол за 2:0.

Неверојатната низа на Ди Марија да постигнува голови во финални мечеви започна во финалето на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, кога Аргентина со 1:0 ја победи Нигерија, а Ди Марија го даде погодокот за злато на Гаучосите.

- Оглас -

Најнови вести