Никој како Лука: Дончиќ стана рекордер на Далас во дуелот против Зајон и Пеликаните (видео)

Лука Дончиќ го забетонира своето име во рекордните книги на Далас маверикс остварувајќи го 22-от троен учинок за франшизата. Сензационалниот словенечки кошаркар во победата против Њу Орлеанс пеликанс од 127:123 по продолженија го надмина Џејсон Кид по бројот на остварени трипл-дабл учиноци, до историскиот подвиг стигна во својата втора сезона како игра во НБА лигата.

Ниту силниот Зајон Вилијамсон, првиот пик на последниот драфт, не можеше да му парира на Дончиќ кој ноќеска беше насекаде на теренот. На Маверикс им беа потребни дополнителни пет минути за да ја запишат 38-та победа, а интересно е што Дончиќ не беше најефикасниот играч од победничката страна. Кристапс Порзингис реализира 34 поени и 12 скока, Дончиќ застана на 30 поени, надополнети со 17 скока и 10 асистенции.

За Пеликаните се истакна Инграм со 27 поени, Бол додаде 25 поени и 11 асистенции, додека Зајон заврши со 21 поен.

Историски настап имаше и кошаркарот на Мајами хит, Данкан Робинсон, во победата од 116:113 против Орландо во дербито на Флорида. Робинсон е првиот кошаркар по Роберт Хори, кој реализирал 27 поени притоа без да погоди шут за 2 поени или слободно фрлање. Учинокот го оствари така што погоди 9 шута од 12 обиди за три поени.

Oстанати резултати:

Кливленд 106:112 Бостон, Детроит 107:114 Оклахома, Милвоки 119:100 Индијана, Бруклин 79:118 Мемфис, Њујорк 104:112 Јута, Минесота 115:108 Чикаго, Портланд 125:104 Вашингтон.

- Оглас -

Најнови вести