Никој нема право да го сруши најдоброто фудбалско семејство во Македонија

Ако по нешто убаво може да се памти оваа 2020 година во Македонија во која било сфера од живеењето, тоа сигурно е по фудбалот. Националниот тим на Македонија испиша историски успех и за првпат се пласираше на завршница на едно големо натпреварување. Македонија ќе биде дел од Европското првенство.

Игор Ангеловски како селектор цели пет години создаваше селекција за да се стигне до успехот кој го чекаме од осамостојувањето. Ангеловски е човекот кој успеа да го врати Горан Пандев во репрезентацијата, а токму Пандев со капитенската лента на теренот беше вистински предводник до историскиот успех. Популарниот Гоче го даде и историскиот гол во победата од 1:0 против Грузија, погодок со значење дека Македонија е дел од 24-те најдобри селекции во Европа.

Еуфоријата за пласман на ЕП беше голема, луѓето излегоа низ улиците на речиси сите градови да прослават. И имаше зошто да се слави. Македонија е на Европско првенство!

Во една ситуација кога во репрезентацијата владее единство, сплотеност, мир, пријателство кое се градело пет години, јасно е дека треба да се продолжи по истиот модел. Сепак, во последниве два месеци се создава несигурност, драма и исчекување. Исчекување за тоа кој ќе биде селекторот што ќе ја предводи Македонија на ЕП.

Актуелниот договор на Ангеловски истекува до крајот на 2020 година, а од ФФМ најавуваат дека чекаат да заврши годината, па да се почне со преговори за тоа дали популарниот Мрме ќе остане на кормилото на националниот тим. Во многу земји, по самиот пласман на ЕП, селекторот ќе добиеше нов договор, продолжување на соработката, продолжување на тоа што вреди и што се покажа како успешно досега. Наместо без двоумење да има нов договор за Ангеловски, вчера се прошири веста дека Роберт Просинечки е во опција да седне на селекторското место на македонската фудбалска репрезентација.

Па зарем некој има дилема дали Игор Ангеловски треба да остане да биде селектор на Македонија и да ја предводи на ЕП!?

Од ФФМ демантираа дека Просинечки е прва опција за селектор, но зошто се остави простор од речиси два месеци во кој челниците на Федерацијата не седнаа со Ангеловски да преговараат и да договорат продолжување на соработката. Зошто се чека да заврши договорот, па да се почнат преговори за нов, кога посебно во спортот е повеќе од нормално договорите да се продолжуваат и додека траат актуелните соработки?

Некои шпекулации се дека Ангеловски побарал повеќе пари со новиот договор, но и тоа е легитимно ако се знае дека со успехот кој го постигнаа, во касата на ФФМ се влеаја речиси 10 милиони евра. Секако, доколку се работи за неразумно висока сума, од ФФМ тоа треба јавно да го кажат и да обелоденат зошто досега нема нов договор за селекторот.

Македонската фудбалска репрезентација во минатото имала странски селектори, но ни од далеку немале успех каков што сега има Ангеловски. Факт е дека македонски стратег најдобро го разбира македонскиот менталитет, дух, желба, а се потврдило и во минатото во другите екипни спортови.

Најголемите репрезентативни екипни успеси Македонија ги остварила со македонски селектори. Марин Докузовски ја предводеше кошаркарската репрезентација до историското четврто место на Европското првенство во Литванија во 2011 година, а Звонко Шундовски беше на клупата на ракометната репрезентација на ЕП 2012 година, кога Македонија стигна до петтото место во Европа. Едноставно, јасно е дека само Македонец може да ја чувствува истата моќ, истата желба како сите спортисти кога се дел од големо натпреварување.

Драмата која два месеци се случува со прашањето кој треба да биде селектор на Македонија на фудбалското европско првенство едноставно треба да заврши. Ангеловски ја создаде оваа репрезентација, ги сплоти играчите да бидат како едно големо семејство, а тој како татко на тоа семејство едноставно заслужи да го води националниот тим на Европското првенство, а таму сите заедно повторно да навиваме и да се радуваме на нови успеси на македонската фудбалска репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести