Никој веќе не може да го спречи – Ристовски по 16 месеци конечно ќе игра во големото дерби на Лисабон

Стефан Ристовски е скоро две и пол години член на Спортинг Лисабон, а во тој период одигра само еден меч против големиот градски ривал Бенфика и тоа на 25. август 2018 година. Се потоа беше како приказна за Рипли. Особено во ланските случаи кога поради црвен картон не играше на два дуели во купот против Бенфика.

Пропушти вкупно четири меча во дербито што во Португалија оддамна го има епитетот најважно во тамошниот фудбал, а еднаш дури целиот хаос се закани со разврска на суд.

Ристовски на трети февруари го пропушти дербито на Лисабон поради црвен картон што го заработи на претходниот меч, а беше казнет со два меча неиграње. Тој меч во шампионатот на Португалија го доби Бенфика со 4:2.

За три дена се играше нов меч меѓу Спортинг и Бенфика, овојпат во купот и нашиот репрезентативец немаше право за настап, но потоа настана вистински циркус.

Португалската федерација му ја преполови казната, но заборави навреме да го информира Спортинг за одлуката, па Ристовски пак не играше против најголемиот ривал Бенфика. Во двомечот и тоа полуфинален Спортинг беше подобар и ја елиминира Бенфика, а потоа го победи и Порто на пенали во финалето и го освои пехарот.

Стефан го пропушти и мечот од Суперкупот на четврти август лани поради повреда, па сега конечно дојде редот по пауза од повеќе од 16 месеци повторно да го почуствува шармот на едно од најголемите градски дербија во Европа. Најавен е како стартер за дуелот што во петок од 22.15 часот ќе го играат Спортинг и Бенфика.

Ривалството на двата клуба е големо и почна во 1907 година, па задутре ќе се игра 308. дерби на Лисабон, второ на кое ќе настапи десниот бек на македонската репрезентација.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести