Никола Ѓуретановиќ е бисер на македонското пливање: Инаетот го натера да соборува рекорди како од шега 

Македонското пливање има нова голема надеж, Никола Ѓуретановиќ, кој со неполни 16 години веќе соборува сениорски рекорди и најавува блескава иднина иако пред три години доживеа голема неправда која не го поколеба, туку проработе инаетот во него и го направи најдобар млад пливач во своите категории во Македонија.

Ѓуретановиќ, кој неодамна наполни 16 години, годинава го собори повеќе од 30 години стариот сениорски македонски рекорд на 1.500 метри, повеќе од една деценија работи под будното око на тренерот Горан Стаменов во ПК Вардар 2018.

Дисциплини во кои плива и доминира во македонските базени се 200, 400 и 1.500 метри слободно, како и 200 метри мешано и кадетските и младинските рекорди во овие дисциплини се во негова сопственост.

Неговите почетоци со пливањето започнаа на пет и пол годишна возраст.
„Како мал родителите ме однесоа на базен и веќе следниот ден јас, иако имав неполни шест години, им реков дека сакам да тренирам пливање“, вели Никола.

Родителите исто така веднаш ја препознаа желбата на Никола на мали нозе да влезе во базените, му ја исполнија и сега тие се негови најголеми фанови и поддршка.

„Никола почна да тренира на пет и пол години на Олимписки базен со тренерот Горан Стаменов. Интересно е што токму Никола беше прво детенце во Вардар. Со задоволство му ја исполнивме желбата на Никола, на почетокот нормално е дека ни беше страв секогаш кога Никола влегуваше во базенот, но сега сме најгордите родители на светот“, зборува мајката на младиот пливач, Анита Ѓуретановиќ.

Пливањето остана единствена љубов на Никола, успеа да „му одолее“ на фудбалот, не го напушти базенот, а доказ дека неговата одлука била исправна, се медалите и рекордите кои ги освојува и ги соборува на секое натпреварување.

„Имав периоди кога сакав да тренирам и фудбал, но многу брзо ми помина таа желба да вежбам друг спорт. Имаше и периоди кога стагнирав со резултатите, па можеби размислував за друг спорт, но пливањето остана моја единствена спортска љубов. Сам доколку се убедиш дека лесно ќе помине тој лош период, навистина ќе помине лесно и без проблеми“, вели Никола.

Љубовта кон пливањето не се намали ниту кога го доживеа најголемото разочарување пред три години, и тоа предизвикано од еден од најдобрите македонски пливачи на сите времиња, Александар Маленко.

Имено, во 2020 година Ѓуретановиќ беше на списокот на Пливачката федерација на Македонија на талентирани пливачи кои требаше да добијат стипендија од Агенцијата за млади и спорт. Но, иако беше најдобар во својата категорија, Никола беше тргнат од списокот и остана без стипендија.

Тоа не го разочара Никола, напротив, проработе инаетот кај него и си постави цел да ги собори сите рекорди во неговите дисциплини кои беа во сопственост токму на Маленко.

„Тоа се случи во 2020 година, кога соборив два рекорди во помлади пионери. За мене како дете на 12 години да соборам два македонски рекорди во таа категорија беше нешто неверојатно, прекрасно, и се надевав дека ќе добијам стипендија која ќе ми помогнеше уште повеќе да напредувам. Бев на списокот на Пливачката федерација кој требаше да биде доставен до АМС, но Маленко ме тргна од него. Не ги знам причините зошто ме тргна и зошто останав без стипендија, но оттогаш проработе инаетот кај мене. Одлучив да се обидам да ги соборам рекордите кои беа во сопственост на Маленко. Оттогаш постојано соборувам рекорди. Досега соборив девет рекорди кои ги држеше Маленко“, вели Никола.

Рекордите кои Никола Ѓуретановиќ му ги собори на Маленко се на 200 метри мешано во кадетска конкуренција, 200 метри слободно на 25-метарски базен во кадетска конкуренција, 400 метри слободно на 25-метарски базен во кадетска и младинска категорија и на 1.500 метри слободно во кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција.

Неговите успеси и резултати ги забележа и ценетиот македонски менаџер, Никола Ѓошевски, а потоа и Sport Life, која како општествена и одговорна компанија го поддржува финансиски секој месец за да има подобри услови и резултати.

„Ѓошевски бараше млади и надежни спортисти и така го откри Никола и виде дека има потенцијал во него, нешто што го издвојува од другите, а и резултатите и соборените рекорди го потврдуваат тоа. Со неговата агенција потпишавме договор, а потоа тој стапи во контакт со Sport Life, кои исто така одлучија да го помагаат Никола. Со Sport Life потпишавме двегодишен договор кој истекува идната година“, вели мајката на Никола, Анита Ѓуретановиќ.

Следен голем предизвик за Никола Ѓуретановиќ ќе биде настапот на Светското првенство кое идната година ќе се одржи во Катар. Шеснаесетгодишниот Никола во Катар сигурно ќе плива во неговите омилени дисциплини, 400 и 1.500 метри слободно, и најверојатно на 200 метри слободно.

„Да бидам искрен, тој епитет да бидам најуспешен во Македонија не ми претставува некоја голема цел. Сакам да се покажам и да се докажам во светското пливање. Не морам да бидам како врвните пливачи и легенди, но нормално дека желбата ми е да освојувам медали на најголемите натпреварувања како што се светски првенства. И нормално, да имам најдобар пласман на Олимписки игри како и секој пливач“.

- Оглас -

Најнови вести