Николов: Играме фудбал за мерак, ме радува враќањето на публиката

Бобан Николов ја има магијата за успех, беше член на златната генерација младинци кои нè израдуваа со историски настап на Европското првенство во Полска, потоа се запиша и во историјата на клупскиот фудбал со настапот за Вардар во фазата по групи во Лигата на Европа, со него во тимот, МОЛ Види по долг период пауза играше во Лигата на Европа, па сега некако логично е да очекува и пласман на селекцијата А на големо натпреварување.

Вчера против Летонија одигра одличен меч, а вели дека го радува сè поголемото присуство на публиката на мечевите на Македонија.

„Ме радува што има сè повеќе публика на трибините. Играме фудбал за мерак, офанзивно и без многу калкулации и верувам дека со таков пристап и добри резултати во континуитет ќе имаме сè повеќе симпатизери на натпреварите на македонската репрезентација. Против Летонците одигравме добар меч и уште еднаш покажавме дека оваа генерација има штоф за големи резултати. Пандев сè уште игра на врвно ниво, нè израдува со јубилејот, квалитетни сме на сите позиции и можеме до нови победи“, изјави Николов.

Сега голем предизвик за нас е мечот со Словенија во недела, во Љубљана и ако успешно го прегрмиме предизвикот на „Стожице“, ќе имаме одлична позиција пред веројатно и клучниот јунски блок натпревари на домашен терен со Полска и Австрија, двата најголеми фаворити во наша група Г за пласман на ЕП 2020 година.

- Оглас -

Најнови вести