Николов на „Стемфорд бриџ“, Илиев на клупата на Арсенал

Бобан Николов со својот МОЛ Види вечерва го има веројатно најтешкиот натпревар за нив сезонава, гостување кај премиерлигашот Челзи. Николов ќе има чест да истрча на лондонскиот стадион „Стемфорд бриџ“ и ќе води битка во средината на теренот со играчи од типот на Канте, Ковачиќ, Фабрегас, Вилијан, Жоржињо, а ќе треба да помага во одбрана за да се запрат Еден Азар и Оливие Жиру. Челзи е фаворит, а за македонскиот интернационалец ова ќе биде големо искуство.

Аријан Адеми, кој наскоро ќе враќа во македонската репрезентација, со Динамо Загреб му гостува на Андерлехт. Белгискиот тим не е силен како во минатото, а Динамо, кој 666 дена нема гостински пораз, 48 години не играл еврокупови во пролет и ако освои три бода, ќе има шанса да се пласира во следната фаза. За Адеми, не се знае дали ќе биде стартер или резерва.

Иван Тричковски и Даниел Мојсов со АЕК Ларнака одат на мегдан кај Баер Леверкузен и немаат што да загубат, а може многу да добијат. Германците се фаворити, но кипарскиот тим ќе се обиде да изненади, можеби со некој гол на Тричковски. Фенербахче со Елиф Елмас го пречекува Спартак Трнава и ќе сака да се извади пред своите фанови за дебаклот во Загреб.

Дејан Илиев ќе биде резервен голман на Арсенал на гостувањето кај Карабах. По повредата на Петр Чех, голот на Арсенал ќе го брани Бернд Лено, а нашиот Илиев ќе чека шанса од клупата. Десниот бек Стефан Ристовски, со Спортинг Лисабон гостува кај непредвидливата Ворскла, чии навивачи се нацистички ориентирани и не е исклучено пред или на самиот меч да има некакви инциденти.

 

- Оглас -

Најнови вести