Тренерот на Хетафе, Хосе Бордалас, е избран за најдобар тренер во Ла Лига за минатата сезона, откако доби најмногу гласови од тренерскиот одбор во Шпанија. Под негова команда, Хетафе минатата сезона беше едно од најпријатните изненадувања во првенството, сезоната ја завршија на осмото место на табелата, иако пред почетокот на сезоната им беше предвидено да се борат за опстанок во лигата.
Предводникот на Хетафе доби повеќе гласови од Ернесто Валверде, тренерот на Барселона, кој во својата прва сезона на клупата на „каталонците“ освои двојна круна во Шпанија. Борделас се заблагодари за принанието на вчерашната прес-конференција во пресрет на денешниот меч против Атлетико Мадрид.
„Голема сатисфакција е што го добив ова признание, како професионалец сум многу горд. Чест е да се најдам меѓу најдобрите тренери во Шпанија, тука имаме врвни стратези, се осмелувам да речам најдобри во светот, да бидам избран од сите тие тренер многу ми значи, мило ми е што напорната работа се препознава“, истакна Бордалас.
Хетафе продолжи со добрата форма и во оваа сезона, по четири кола имаат две победи, едно реми и еден пораз, а во последното коло направија вистинско изненадување. На гостувањето во Андалузија минатиот викенд, избраниците на Бордалас триумфираа на „Рамон Санчез Писхуан“ со 2-0 против Севилја.
Натпреварот Хетафе – Атлетико Мадрид е закажан за денес, со почеток од 18.30 часот.