МЗТ Скопје Аеродром ги официјализираше доаѓањата на Хрватот роден во БиХ, Марко Баковиќ (30 год, 203 см), кој најчесто игра на позицијата крилен центар и талентираниот српски центар, Душан Танасковиќ (22 год, 208 см).
Двајцата имаат искуство со настап во јадранските натпреварувања и од нив се очекува да бидат бедем под кошевите.
Баковиќ одигра 22 натпревари за Цибона во минатиот шампионат во АБА, меѓу кои и првиот од двата меѓусебни дуели против МЗТ, а во Скопје доаѓа по 13 средби во дресот на шпанскиот второлигаш Леида. Освен борбата во рекетот, негов заштитен знак е и одличниот шут за тројка, со оглед што често во кариерата имал и речиси 50-отстотна прецизност од оваа позиција.
Танасковиќ, пак, потекнува од младинската школа на Партизан, по што настапувал за српските прволигаши Младост Земун и Дунав, додека минатата сезона беше дел од АБА2-лигашот Борац Бања Лука, во чиј дрес имаше просек од 14,2 поени и 6,1 скок по меч.
Овој странски тандем им се приклучи на браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ и Марин Петков, кои се сигурни во сино-белиот дрес за следната сезона. Тренер на тимот ќе биде Васко Атанасов.