Новак го откри рецептот за тениска историја

Уште само една победа му недостасува на Новак Ѓоковиќ за да ги реши дилемите околу тоа кој е најдобар машки тенисер во историјата. Првиот светски рекет стигна до посакуваното финале во Њујорк во кое што против Данил Медведев ќе се бори за рекордна 21-ва гренслем титула, односно ќе се обиде да испише нови страници во историјата на тенисот.

Целта му е да оствари календарски слем по освоените титули во Австралија, Ролан Гарос и Вимблдон претходно годинава, нешто што машкиот тенис последен пат посведочи во 1969 година кога Род Лејвер беше владетел на сите четири гренслема во една сезона. По деветти пат Новак ќе се бори за титулата на ОП на САД, досега освои три титули во Њујорк, а последната ја памети од 2018 година.

Откако го надигра Зверев во исцрпителното полуфинале кое траеше повеќе од три и пол часа и се играа пет сета, Ѓоковиќ го откри рецептот кој ќе му овозможи да стане бесмртен.

„Ова се моменти за кои живееме, единствени прилики кои ги сонуваме секој ден кога се будиме. Знаев дека ќе биде тешка битката против Зверев, тој е шампион и некој на кого му се восхитувам во и надвор од терените. Финалето ќе го третирам како да ми е последен меч во кариерата. Ќе го дадам своето срце, душата, телото, својата глава, буквално сé за да победам. Им благодарам на сјајните навивачи, атмосферата беше фантастична“, истакна Ѓоковиќ по победата во полуфиналето.

Србинот годинава веќе играше гренслем финале против Медведев, кога во Мелбурн го реши Русинот во само три сета и го започна походот кон календарскиот слем. Финалето е закажано за утревечер во 22 часот.

- Оглас -

Најнови вести