Новинарка го тужи Лук Волтон за сексуален напад

Новиот тренер на Сакраменто кингс, Лук Волтон, се соочува со тужба за сексуален напад од страна на новинарката Кели Тенант. Како што пренесуваат американските медиуми, инцидентот наводно се случил во 2017 година, во една хотелска соба во Санта Моника.

Тенант своевремено известуваше спортски настани во регионот на Лос Анџелес за „Спектрум спортснет“, а според информациите, Волтон ја поканил новинарката во неговата соба за да разговараат за нејзината книга.

Според изјавата на Тенант, екстренерот на Лејкерс „на сила ја турнал на кревет и бакнувал на неколку делови од телото“. Новинарката, исто така, тврди дека по некое време успеала да се одбрани и едвај стигнала до излезната врата од собата. На излегување, Волтон наводно и рекол: „Мило ми беше што се видовме“.

Тенант по некое време ја напуштила телевизијата и започнала радиоемисија поврзана со правата на жените. Од таборот на Сакраменто истакнаа дека засега собираат материјали и ќе реагираат дури откако ја дознаат целата приказна.

Иако овој инцидент се случил во период кога Волтон ги предводеше „езерџиите“, управата на Лејкерс одби да коментира бидејќи стратегот има договор со друг клуб. Волтон засега одбива да ги коментира овие оптужби.

- Оглас -

Најнови вести