Најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар, е сè поблиску да добие нов тренер. Раководството на Вардар веќе пред два месеца најави дека многу веројатно е замената за Гоце Седлоски да дојде од далечната Аргентина, а меѓу главните кандидати беше најавено името на Кристијан Фабијани.
Токму овој аргентински стратег преку социјалните мрежи најави дека вечерва малку по полноќ треба да пристигне во Македонија, односно во Скопје. Јасно е која би била целта на Фабијани од далечната Аргентина да пристигне во нашата земја. На постот на кој Фабијани најавува пристигнување во Скопје, ја споделува и следната порака:
„Она што толку многумина го бараа конечно се случи. Сега е време да се продолжи со растот. Секој труд има своја награда“ е пораката од Фабијани, кој само пред пет месеци беше тренер во легендарниот аргентински клуб Њуелс олд бојс.
Првпат името на Фабијани челниците на клубот јавно го споделија за време на зимските подготовки на клубот во Турција. Тогаш првпат јавно се отвори темата за наследник на Гоце Седлоски, за кого е јасно дека по завршување на сезоната ќе го напушти кормилото на Црвено-црните и целосно ќе се фокусира на работата во репрезентацијата на Македонија.
Седлоски со Вардар минатата сезона го освои трофејот во Купот, и тоа по пауза од 18 години, а во тековната сезона води голема битка за освојување на шампионскиот пехар. По 24 одиграни меча, Вардар и Шкендија се на делба на првото место на табелата со по 58 бода, а од „сенка“ чека и Струга ТЛ со 53 бода.
Вардар следниот предизвик ќе го има в сабота, кога на арената „Тодор Проески“ ќе игра против Македонија Ѓорче Петров. Билетите за овој меч веќе се во продажба и влезница за овој меч може да купите ТУКА.
Логично е на тој меч на Арената да биде присутен и аргентинскиот стратег Фабијани.


