Новицки ноќеска ќе влезе во историјата на НБА

Легендарниот германски кошаркар Дирк Новицки се очекува ноќеска да испише една нова страница во историјата на НБА-лигата. Кошаркарот на Далас сезонава уште нема одиграно ниту еден меч, и тоа поради проблеми со повредите. Новицки сега е подготвен и се очекува да биде на теренот на дуелот против Феникс санс.

Со настап на мечот кој треба да се одигра ноќеска, Новицки ќе ја започне 21-вата сезона во НБА-лигата. Кога ќе се појави на теренот, Новицки ќе стане првиот играч во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот што во 21 сезона настапувал само за еден тим. Засега, Новицки е корекордер со Коби Брајант, кој 20 сезони играше за Лос Анџелес лејкерс.

Самиот играч вели дека ќе му биде тешко да се врати во ритам бидејќи последниот меч во НБА го одигра во март. Потоа замина на операција на препоните, а сега треба да влезе во неговиот препознатлив ритам.

„Ќе биде тешко да се вратам во ритам, бидејќи поминаа повеќе од осум месеци од последниот меч што го одиграв. Никој не може веднаш да се врати во ритам ако имал толку голема пауза. Ќе ми треба време да се навикнам“, вели Новицки.

- Оглас -

Најнови вести