Њу Орлеанс не смее да игра без „веѓата“, Дејвис им покажа колку вреди

Во Њу Орлеанс се свесни дека не можат да го задржат Ентони Дејвис, не можат да го држат на клупа, бидејќи им се заканува казна од 100 илјади долари, па се обидоа на поинаков начин да „му тераат“ инает на Ол-стар крилниот центар.

Ентони се врати во составот на Пеликанс, играше само 24 минути и за тоа време ја потврди високата класа, постигнувајќи 32 поени, комбинирани со 9 скокови. И потоа се случи неочекуван потег на тренерот Алвин Гентри. Го повлече од игра Дејвис во финишот на третиот период и воопшто не му даде шанса да игра во последната четвртина.

Објаснувањето беше дека на кам-бекот на Дејвис во тимот било планирано Ентони да има скратена минутажа.

„Јас како и секогаш ќе го давам максимумот. Кога ќе ме повика тренерот да играм тоа ќе го правам најдобро што знам“, изјави Дејвис по мечот со Минесота, што Њу Орлеанс го доби со 122:117, а тој беше проглаеен за играч на мечот.

Крилниот центар го информираше својот сегашен клуб дека сака да си замине, во мини-преодниот рок што заврши завчера беше главна ѕвезда, но остана без трансфер во Лос Анџелес лејкерс.

Сега повторно игра за Пеликанс и тоа го прави неверојатно добро, па во Њу Орлеанс и немаат избор. Мора во последните 27 натпревари сезонава да му даваат шанса на кошаркарот што ја гледа иднината во друг клуб. Во спротивно ќе плаќаат казна по 100 илјади долари по меч, па се решија на поинаков метод, да му ја намалат минутажата.

И навивачите имаа чуден однос кон Дејвис. Најпрво го поздравија со свирежи при претставувањето на тимовите, ноќеска на дуелот со Минесота,  но потоа секој негов добар потег, а ги имаше многу, го поздравуваа со аплауз.

- Оглас -

Најнови вести