Њукасл на чудесен начин со голови во 94-тата и 96-тата минута се спаси од пораз во Ливерпул

Серхио Агуеро покажа зошто е еден од најдобрите голгетери во историјата на Премиер лигата откако благодарение на негов гол, Манчестер сити стигна до нова победа. Граѓаните триумфално си заминаа од гостувањето кај Шефилд јунајтед, победувајќи со 1:0.

Аргентинскиот голгетер мечот го започна од клупата за резерви, а Сити имаше шанса за погодок во првото полувреме, но Габриел Жезус утна пенал во 36-тата минута. За Бразилецот ова беше трет промашен удар од белата точка во последните пет шута во англиското првенство.

Во ситуација кога на Сити му беше потребен погодок за да победи, тренерот на гостите, Пеп Гвардиола, во игра го внесе Агуеро. Аргентинецот на теренот се појави во 68-мата минута, а само пет минути подоцна погоди, гол кој се покажа како решавачки за освојување на трите бода на гостите.

Највозбудливиот меч се одигра во Ливерпул, каде што Евертон ремизираше 2:2 против Њукасл. Домаќините имаа предност од 2:0, но Њукасл со двата гола на францускиот дефанзивец Флоријан Лежен во 94-тата и 96-тата минута стигна до бод.

Во останатите мечеви кои се играат во исто време во Премиер лигата: Астон вила – Ватфорд 2:1, Борнмут – Брајтон 3:1, Кристал палас – Саутхемптон 0:2.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести