Њукасл урна клупски рекорд за Парагваец

Мигел Алмирон е играчот за кого Њукасл го урна сопствениот клупски рекорд кога станува збор за трансфери, „чавките“ исплатија 21 милион фунти за неодамнешниот член на Атланта јунајтед. Парагвајскиот репрезентативец потпиша пет и полгодишен договор со екипата од „Сент Џејмс парк“, но тој не е единствениот нов играч кој денес пристигна во Њукасл.

Рафа Бенитес имаше желба да ја засили левата бековска позиција, па на позајмица пристигна Антонио Барека од Монако. Италијанскиот дефанзивец до крајот на сезоната ќе го носи црно-белиот дрес, додека во договорот нема опција за целосно откупување на играчот.

Клупскиот рекорд за трансфер во Њукасл го држеше Мајкл Овен, кој во 2005 година пристигна од Реал Мадрид за сума од 16 милиони фунти. Алмирон доаѓа со реноме на шампион во МЛС-лигата, откако минатата сезона ѝ помогна на Атланта јунајтед да ја освои титулата постигнувајќи 13 погодоци и 13 асистенции.

Победата остварена над шампионот Манчестер сити, и тоа со пресврт од 2-1, му дојде како мотив на Њукасл да се реактивира на пазарот во последниот ден и да доведе засилувања со кои ќе може да ја оствари својата цел, а тоа е да опстане во англиската елита.

- Оглас -

Најнови вести