Од Аталанта зависи дали Италија ќе има пет или шест тима во ЛШ

До 2 јуни може да потрае неизвесноста дали Италија ќе има пет или шест претставници во следната сезона од Лигата на шампионите, а сè зависи од Аталанта.

Засега сигурни учесници од Серија А во ЛШ се: Интер, Милан, Јувентус и Болоња. И Аталанта е блиску, а Божицата може да им направи услуга и на Рома или Лацио. Римјаните треба да навиваат за Аталанта, но не премногу, само во финалето на Лигата на Европа против Баер Леверкузен на 22 мај во Даблин.

За Италија да има и шести тим во ЛШ, потребно е Аталанта да ја освои Лигата на Европа, но мора и да остане петта на табелата во домашното првенство. Така и шестиот од Серија А би се пласирал во ЛШ.

Дали Аталанта ќе биде петта, нема да се знае до нивниот последен меч сезонава на 2 јуни против Фиорентина, тоа е заостанат меч кој на 17 март беше одложен поради смртта на директорот на Виолетовите, кој колабира непосредно пред почетокот на мечот.

Ако Аталанта биде четврта или шеста на конечната табела во Серија А, а има шанси и за такво нешто, тогаш Италија останува со пет тима во ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести