Од келнер и бездомник на 19 години, до репрезентативец на Англија на 26 години

Многу фудбалери имале тежок пат пред да стигнат до остварување на својот сон, а тоа е да бидат на теренот и да заработуваат многу повеќе пари од обичниот работник. Таков е случајот и со новиот англиски репрезентативец Тајрон Мингс. Овој 26-годишен играч на Астон вила доби повик од селекторот Гери Саутгејт за дуелите со Бугарија и Косово.

Мингс има неверојатна животна приказна, но со многу напор и без откажување успеа да стигне и до националниот тим на Гордиот Албион. Како дете, тој живеел со мајка му и трите сестри. Во еден период останале и без кров над главата, па биле бездомници. Повеќе од една година живееле на улица, а тој се обидувал како дете да се пробие во фудбалскиот свет.

„Завршивме на улица. Живеевме кај еден човек и еден ден тој ни рече дека мора да си одиме. Добро се сеќавам, се капевме во купатилото на локалната добротворна организација. Беше грозно. Долго време останавме во едно стовариште. Тоа е навистина грозно искуство за едно дете“, се присетува Мингс.

Како 15-годишен тинејџер бил отпуштен од тимот на Саутхемптон со образложение дека нема талент. Ниту екипите на Кардиф, Портсмут и Бристол не му дале шанса да се докаже. Тогаш, како 19-годишен тинејџер заминал во тимот на Чипенхам таун. Освен што тренирал, морал да работи и како келнер за 45 фунти неделна плата.

„Имаше моменти кога се прашував дали е тоа-тоа? Дали е тоа најмногу што можам да направам во фудбалот? Во еден период, едноставно не се гледав како фудбалер“, раскажува дефанзивецот на Астон вила.

Среќата на Мингс конечно му се насмевнала во 2012 година. Некогашниот бек на Ипсвич, Расел Осман, го забележал Мингс и го препорачал кај менаџерот на тимот, Мик Мекарти. Во Ипсвич, Мингс го покажал својот квалитет. По три години поминати во овој тим, прави трансфер вреден осум милиони фунти.

Тогаш му се случува нов шок. Доживува тешка повреда и поради скинати лигаменти на коленото мораше да паузира една година. И по повредата, Тајрон се враќа во одлична форма, па тоа му овозможува трансфер во Астон вила за сума од 25 милиони фунти.

Со одличните игри на почетокот на сезоната, сега доби шанса да дебитира и за репрезентацијата на Англија. Едноставно, животната приказна на Мингс е како бајка.

 

- Оглас -

Најнови вести