Од корона-вирус почина поранешниот хрватски селектор!

Некогашниот хрватски селектор Ото Бариќ почина денеска во болница во Хрватска како последица од корона-вирусот. Бариќ, кој имаше 87 години, една недела бил на болничко лекување, а токму кога почнала ситуацијата да се подобрува, се случил пресврт. Во последните два дена, здравјето на Бариќ нагло се влошило, а денеска е потврдено дека починал.

Роден во Австрија на 19 јуни 1933 година, популарниот Хер Ото во тренерската кариера предводеше 14 клуба и три репрезентации. Најголемиот клупски успех го имаше со Рапид Виена и Казино Салцбург. Со Рапид освои дури 10 домашни трофеи, а со Салцбург двапати беше шампион.

Што се однесува до репрезентативната тренерска кариера, прво беше на клупата на Австрија во периодот од 1999 до 2001 година. Во 2002 година, по завршување на Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја, седна на клупата на Хрватска. Со Коцкестите, Бариќ стигна до Европското првенство 2004 година, каде што успеа да одигра нерешено против Швајцарија (0:0) и Франција (2:2), но во клучниот меч загуби од Англија со 2:4.

На крајот од тренерската кариера, Бариќ беше селектор на Албанија во периодот од 2006 до 2007 година.

- Оглас -

Најнови вести