Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром утревечер, од 19 часот во „Јане Сандански“ е домаќин на Слобода Тузла во првото коло од втората АБА-лигата и тоа е прилика за фановите на Штрковите да го видат новиот изглед на тимот, кој претрпе доста измени летово. Влезот во салата е слободен.
„Ова е прв меч сезонава, сакаме да се покажеме во позитивно светло. Слобода е тим со млади талентирани играчи. Играат агресивно, брзо но ние со максимален фокус мислам дека можеме да победиме и со триумф да ја стартуваме сезоната. Во моментов имаме 11 играчи, оставено е едно место, но нема да брзаме со пополнување. Треба да седнеме со управата и да видиме на која позиција ќе донесеме уште еден играч и со тоа да се комплетира ростерот. Задоволен сум од подготовките, но пријателските мечеви се едно, а натпреварувачки дел е друго“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов на прес-конференцијата.
Дамјан Стојановски, кој е капитен на тимот и играч со најдолг стаж во МЗТ, рече дека во подготвителниот период виделе каде се слабостите и треба да бидат коригирани.
„Што се однесува до утрешниот меч, ако одиграме како што треба, ќе победиме“, оптимист е Дамјан.
Директорот Тони Грнчаров кажа дека амбициите се атак на двете домашни титули во Купот и првенството.
„Имаме најдобар состав во Македонија. Во АБА 2 лигата ќе биде потешко, има квалитетни екипи, но мислам дека имаме сили да влеземе во топ 4, па и во финале. Имаме спој на младост и искуство, тимот има хемија и со добра работа ќе стигнеме до посакуваните резултати. Сакаме да играме брза кошарка, агресивна, со многу трчање. Немаме младинци од 16-17 години затоа што оваа сезона ќе имаме и втор тим во прва лига и подобро таму да играат 30-тина минути, отколку во првиот тим да бидат на клупа“, смета Грнчаров.