Одби 7 милиони евра по сезона за да го спаси клубот од испаѓање

Милионските договори се главна цел на најголем дел од фудбалерите во светот. Сепак, уште има и такви кои парите не им се најважни за да ја одберат средината во која ќе играат. Јаго Аспас е вистински пример за тоа.

Напаѓачот на Селта Виго паузираше три месеци поради повреда, период во кој неговиот тим имаше лоши резултати, па дури падна и во зоната за испаѓање во Примера дивисион. Сепак, откако Аспас се врати на теренот, Селта игра сосема поинаку. На последните три меча тимот освои седум бода и практично Селта избега од зоната за испаѓање.

Најзаслужен за двете победи и ремито на последните три дуели е токму Аспас. Против Вилјареал тој даде два гола во пресвртот и победата од 3-2, потоа против Уеска даде гол, а имаше и две асистенции (3-3), а синоќа повторно блесна и даде два гола за три бода во дуелот против Сосиедад (3-1). Сезонава тој има вкупно 16 погодоци и четири асистенции во 23 меча.

Аспас е дете на Селта, а за тоа колку го цени клубот, напаѓачот покажа во зимскиот преоден рок. Тој доби понуда да замине во Кина, каде што ќе заработуваше по 7 милиони евра по сезона, но сепак ја одби за да може да помогне Селта да не испадне од Примера. Аспас не само што одби 7 милиони евра од Кина, тој реши да ја продолжи верноста со Селта и потпиша договор со 2022 година, а годишната плата му е 1,8 милиони евра, што е речиси четири пати помалку од тоа што ќе го добиваше во Кина.

- Оглас -

Најнови вести