Одби 10-годишен милионски договор од Барселона, а сега е дел од петтата лига во Англија

Еден од најголемите таленти во англискиот фудбал пред 20-тина години беше Џон Босток. Кога имаше само 14 години го нарекуваа чудо од дете и се веруваше дека ќе биде блескава иднина на англискиот фудбал.

Беше дел од младинската школа на Кристал палас, а тогаш се појави и Барселона. Каталонскиот гигант веднаш му понуди 10-годишен договор на Босток, но тогаш реши да ја одбие таа спектакуларна понуда. Подоцна Босток изјави дека тоа било негова исправна одлука и дека верата му помогнала да направи вистински потег.

„Моето семејство и јас се сложивме дека треба да останеме во Англија, во Лондон. Јас сум Исусов следбеник и верувам дека моите чекори веќе се одредени. Во тие години бев изложен на верата, така што Господ ми помогна брзо да созреам. Верата ми даде поинаков поглед на мојата кариера и на животот воопшто. Ми се чинеше дека тоа е мојот живот и затоа останав во Лондон“, рече Босток.

За Кристал палас дебитира само со 15 години и тогаш го сруши рекордот за најмлад играч во клупската историја. Потоа го купи Тотенхем, но тогашното голобрадо момче не успеа да се снајде. Одеше на позајмици во помали клубови. Играше во САД, Белгија, Франција и Турција, но никаде не се снајде најдобро. Најдобрите мечеви ги одигра за тимот на Ленс во Франција.

Сега, како 32-годишен играч, Босток е дел од тимот на Солихул Мурс, кој се натпреварува во петтата англиска лига.

„Сигурен сум дека животот во Барселона ќе беше убав, но тука ја запознав мојата сопруга и навистина во Тотенхем се оформив како личност“ вели несудениот светски фудбалски талент кој сега фудбал игра на рекреативно ниво во петтата лига на Англија.

- Оглас -

Најнови вести