Одбиено барањето на Алвес да биде пуштен од затвор со кауција

Бразилскиот фудбалер Дани Алвес останува во затвор откако шпанскиот суд денеска одби уште едно барање на неговите адвокати да плати кауција и да биде пуштен да се брани од слобода додека трае истрагата за обвинувањата за сексуален напад.

Алвес во барањето за пуштање со кауција порача дека е подготвен да ги прифати сите мерки наметнати од судот, како што се предавање на пасошот и носење на уред за следење, но судот во Барселона смета дека е голем ризикот дека фудбалерот ќе избега од државата и поради тоа го одби неговото барање.

Адвокатите на Алвес притоа се обидоа да го дискредитираат сведочењето на наводната жртва со прикажување снимки од камерата на кои се гледаат Алвес и жртвата како флертуваат еден со друг.

Но, судијата одлучи дека флертот „во никој случај не треба да претставува оправдување за евентуален сексуален напад“.

Дани Алвес беше уапсен во јануари годинава, откако беше обвинет за сексуален напад на една девојка во ноќен клуб во Барселона на 30 декември. Фудбалерот ги негираше обвинувањата.

Сè уште не е одреден датумот на почетокот на судскиот процес и дотогаш Алвес ќе остане во затвор.

- Оглас -

Најнови вести