Одбојкарите одат по нова „фешта“, зошто да не падне и Холандија

Одбојкарската репрезентација на Македонија ги продолжува настапите на Европското првенство и денеска од 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“ игра против Холандија, во битка за што подобра позиција во осминафиналето.

Одбојкарите фантастично го започнаа настапот во групата Ц и остварија две победи над Данска (3-1) и Црна Гора (3-0), со кои си го обезбедија пласманот во осминафиналето, а потоа следуваше пораз од Полска (3-0), која е светски вицешампион и фаворит за титулата.

Денеска противник на избраниците на селекторот Јошко Миленкоски е поранешниот олимписки шампион, Холандија.

Досега Македонија и Холандија одиграле трипати меѓу себе и Црвено-жолтите имаат една победа, а Лалињата две.

Македонија славеше на првиот меѓусебен дуел во 2010 година со 3-2 во сетови, по што во наредните два меча подобри беа Холанѓаните и славеа со по 3-0.

„Со Холандија може да се игра, тие имаат само еден играч од светска класа, тоа е коректорот. Можеме да се справиме со него. Не сакам да ги потценувам другите играчи, но тие не се Полска. Имаме време да се подготвиме, па зошто да не завршиме и трети во групата, дај Боже да бидеме и втори, па да ги избегнеме Италија и Србија“, изјави Александар Љафтов.

Квотите се на страната на Холандија, но благодарение на фантастичната публика во СЦ „Борис Трајковски“, избраниците на селекторот Миленкоски ќе имаат ветер во грбот, кој се надеваме ќе ги однесе до нова победа.

- Оглас -

Најнови вести