Одегард контра судиите: Тоа никако не може да биде фаул!

Арсенал го прекина перфектниот старт во англиското првенство откако загуби во дербито на „Олд Трафорд“ од Манчестер јунајтед со 3:1. Топчиите беа лути по средбата, посебно поради судењето, односно поради ситуацијата која се случи во првото полувреме при резултат 0:0.

Мартин Одегард беше во дуел со Кристијан Ериксен, успеа да му ја одземе топката, а Арсенал во контранапад даде гол за 1:0. Судијата покажа на центар, но потоа се јавија арбитрите од ВАР-собата. Беше потенцирано дека има фаул од Одегард врз Ериксен, па главниот судијата мораше да гледа повторена снимка.

По прегледување на ВАР-снимката, голот на Арсенал беше поништен поради фаул, а кратко потоа Манчестер јунајтед поведе со 1:0. Одегард, кој беше главен протагонист во спорната ситуација, вели дека тоа никогаш не треба да биде фаул, а судиите од ВАР-собата направиле грешка.

„Тоа никогаш не може да биде фаул. Судијата ја виде ситуацијата и реши играта да продолжи. Тоа беше еден многу мек старт од моја страна. На камера работите може да изгледаат поинаку. Според мене, тоа никогаш не може да е фаул и затоа сум фрустриран“, рече Одегард.

https://twitter.com/i/status/1566491099245559809

Ако беше признат тој гол и Арсенал поведеше со 1:0, текот на играта и мечот можеше да биде сосема поинаков. Сепак, Топчиите мора да го прифатат фактот дека загубија, но сепак го задржаа челното место на табелата со 15 поени од шест кола.

- Оглас -

Најнови вести