Одложен еден меч од Лигата на Европа што требаше да се игра вечерва

Мечот меѓу Макаби Хаифа и Железничар во првото квалификациско коло од Лигата на Европа што требаше да се игра вечерва е одложен. Причина за одложувањето е фактот дека во таборот на гостинскиот тим има петмина заразени со корона-вирусот, а одлуката ја донело Министерството за здравство на Израел.

Уште пред да отпатуваат во Израел, во Железничар имаше шестмина позитивни на опасниот вирус и сите тие играчи воопшто не отпатуваа на ова гостување. Сепак, по пристигнувањето во Хаифа, сите гости биле повторно тестирани и кај петмина покажало дека има присуство на корона-вирусот.

Поради ваквиот развој на настаните, Железничар вчера воопшто не тренираше на теренот на кој денеска требаше да игра. Како превентива, на гостите не им беше дозволено да го напуштат хотелот во којшто се сместени. Засега нема официјална одлука од УЕФА што ќе се случи со овој меч. Праксата вели дека гостите службено ќе бидат елиминирани, постои опција и дуелот да се одигра во дополнителен термин.

Вечерва во квалификациите од Лигата на Европа играат и три македонски клуба, Шкендија, Ренова и Шкупи.

 

- Оглас -

Најнови вести