Одлука за респект – Бугарите не сакаат мечот со Грузија да се одложи: Ќе играме за Неделев

Имаше најави дека е можно УЕФА да го одложи утрешниот меч меѓу Грузија и Бугарија во нашата група од Лигата на Нации, поради сообраќајката што ја доживеаја гостите во Тбилиси и во која Тодор Неделев беше сериозно повреден.

Сепак тоа нема да се случи, а Бугарите објавија дека не сакаат мечот да биде одложен, особено по добрата вест дека нивниот репрезентативец е во стабилна состојба.

Неделев настрада со расекотини на черепот од пукнатото стакло по сударот на два автобуси, од кои едниот ги превезуваше бугарските репрезентативци од аеродромот до хотелот, вчеравечер во Тбилиси.

„Сакаме да играме и не бараме одложување на мечот. Ќе играме за нашиот Тодор, кој за среќа е во стабилна состојба во болницата во Тбилиси“, изјавија од таборот на бугарската фудбалска репрезентација.

Иако велат дека се во шок по сообраќајката, сепак ќе истрчаат на терен против лидерот во нашата група Грузија.

Мечот ќе се игра утре во Тбилиси од 18 часот, термин во кој ќе почне и дуелот во Скопје меѓу Македонија и Гибралтар.

 

- Оглас -

Најнови вести