Официјално: Кевин-Принс Боатенг е нов играч на Барселона

Кеви -Принс Боатенг и официјално е нов фудбалер на Барселона, каде што до крајот на сезоната ќе игра како позајмен играч од Сасуоло. Боатенг доаѓа како поддршка за Луис Суарес, откако Валверде остана без напаѓачки опции по заминувањето на Мунир Ел Хадади во Севилја.

Германецот кој настапува за репрезентацијата на Гана, исто така, може да игра и во средниот ред, додека Барса ќе може во целост да го откупи договорот на Боатенг за сума од осум милиони евра.

Боатенг по две и пол години се враќа во шпанското првенство, откако претходно настапуваше за Лас Палмас, каде што во сезоната 2016/17 постигна 10 погодоци на 25 натпревари. Во кариерата ги бранел боите на Херта, Тотенхем, Портсмут, Борусија Дортмунд, Џенова, Милан, Шалке, Лас Палмас и од почетокот на оваа сезона, Сасуоло.

Барселона закажа прес-конференција за утре, со почеток од 13 часот, каде што ќе го претстават Боатенг на медиумите и јавноста.

- Оглас -

Најнови вести