Официјално: Робињо се врати во Сантош, ќе игра за смешна плата (Фото)

Некогашниот голем талент на бразилскиот фудбал, Робињо, после долгото играње во Европа, се врати дома, во Сантош, во клубот во кој и ја почна својата кариера. Екс играчот на Реал Мадрид, Милан, Манчестер сити, во минатата сезона беше член на турскиот првак Башакшехир, но реши да се врати дома и да потпише петмесечен договор со клубот во кој се прослави и големиот крал на фудбалот, Пеле.

Робињо освои две титули во бразилската лига, како млад прејде од Сантош во Реал, имаше и блескави моменти во Кралскиот клуб, но не тргна по стапките на Пеле, кариерата не му се развиваше како што се претпоставуваше. Сега тој е 36-годишен, кариерата му е при крај, па по камбекот во Сантош, се фотографираше и со своите синови, можеби како подготовка за заминување во фудбалска пензија.

Робињо во Сантош ќе игра повеќе од љубов, бидејќи договорот му е на само 270 долари месечно. И во клубот се свесни дека Робињо не е истиот како од 2002 до 2005 година кога играше за нив, па своето засилување го промовираа под слоганот „Последно вртење на педалот“, асоцирајќи на оние таканаречени велосипед дриблинзи со кои се прослави Робињо.

- Оглас -

Најнови вести